|
Дами и господа, Денес имаме ретка можност да го промовираме излегувањето од печат на Граматиката на современиот ромски јазик во Скопје, подготвена колективно од Љатиф Демир, Рајко Ѓуриќ и Фатиме Демир, како проект поддржан од Владата на Република Македонија. Се наоѓаме на самиот праг на Меѓународната година на културната разноликост. Културната разноликост е незамислива без јазичната. Јазикот сеуште е еден од главните чинители на културниот и на националниот идентитет. Дури и кога се користи една иста системска јазична матрица во повеќе држави, каков што е случајот со англискиот, францускиот или арапскиот јазик, на пр., во одделните средини се создаваат специфични јазични практики и се формираат специфични јазични сојузи во дадениот регион. Политиката на заштита на наследените јазични традиции има најмалку два исхода: од една страна се меморира духовното наследство она една популација, на еден народ, а од друга страна се создаваат услови за минимум едукација на припадниците на една малцинска јазична заедница на својот мајчин јазик, што се смета дека е предуслов за ослободување од колективните фрустрации на општествен чинител од второстепена важност и за ослободување на креативните потенцијали во заедница со мнозинскиот народ и со официјалниот/службен и работен јазик на тој народ. Политиката на практикување на културната и јазичната разноликост се особено важни на глобален, меѓународен план, затоа што е најефикасен начин да се сочуваат етнокултурните идентитети на т.н. мали народи и култури. На локален план, екстремната радикализацијата на политиката на културните разлики може да се претвори и во фактор на ревизија на стекнатите историски и демократски придобивки на еден народ, односно да создаде пречки во комуникацијата. Државата функционира унитарно и ефикасно кога во неа постои еден јазик на службена комуникација на државно ниво и во меѓународната комуникација. Во тој контекст треба да се укаже и на фактот што современа демократска Европа го забележува, а имено дека екстремно радикалните јазични политики можат да генерираат и јазична, културна и етничка изолација и до ксенофобичност. Од друга страна, неспорен е фактот дека јазичните слободи и стимулации на ниво на уметничко творештво, културен живот и (билингвална) едукација, се предуслов за интегрирање на една етничка заедница во општествените развојни процеси и синоним за развој и перспектива на државата. Јазиците не се разликуваат само според просторот на нивната дистрибуција, туку многу повеќе според просторот на својата мисловна, стилска и уметничка величина. Ромскиот јазик се практикува говорно на широк простор, но му претстои научна и културна еволуција, за да ги покаже своите книжевно-естетски и мисловни потенцијали. Ромскиот јазик денес е јазик кој ги надминува државните граници и сведочи за една необична номадска култура наследена од минатото, но жива и влијателна и во современите цивилизациски услови, мошне карактеристични за европскиот цивилизациски код. Ромскиот јазик опстанувал и опстанува и денес во многу држави, наспроти фактот што не постојат институции за негова заштита, проучување и афирмација. Тоа зборува дека ромскиот јазичен идентитет треба да биде предмет на заштита и на одделните држави, но и на меѓународните институции. Република Македонија спаѓа во редот на државите кои покажуваат висок степен на уважување на ромскиот јазик и крајно висок степен на јазична толеранција. Во Република Македонија ромскиот јазик е изборен наставен предмет во основното образование, а постои реална можност за негово промовирање како студиски предмет во високото образование. Во Македонија денес се развива и издавачка дејност на ромски јазик, постојат медиуми на ромски јазик, а се бележи и видна вклученост на Ромите во политичките структури на Р. Македонија. Се бележи и интерес за практикување на политика на јазична толеранција спрема Ромите и во други европски држави во регионот на Балканот (Бугарија, Србија), односно во средна/централна Европа, во Руската федерација, па и во некои други држави. Граматиката што ние денес ја промовираме е второ дело од ваков вид во Р. Македонија. Првиот документ кој има посебно значење за ромскиот јазик во РМ е документот со наслов: „Општи принципи за кодификацијата на ромскиот јазик“ (Скопје, 1992 година), подготвен од Ш. Јусуф, В. Фридман и Д. Кенрик. Го спомнуваме овој документ со цел да истакнеме дека, веднаш по основањето на Комисијата за стандардизација на ромскиот јазик во 1990 година, во Варшава, во Р. Македонија веќе се даваат и првите резултати на тој план и идека Македонија спаѓа во редот на европските држави со високо развиена политика на јазична и културна толеранција уште од самото нејзино осамостојување, но ив о минатото, кога поимот Македонија бил синоним за јазична, верска и културна толеранција и соживот. Граматиката на Љатиф Демир, Рајко Ѓуриќ и Фатиме Демир е голем придонес во процесот на современата стандардизација и кодификација на ромскиот јазик, со оглед на фактот дека постојат бројни дијалекти и идиоми гледано не само во широки европски рамки, туку и во рамки на самата Р. Македонија. Оваа граматика дава значаен прилог кон кодификацијата на ромскиот јазик за Ромите во Македонија, но – индиректно – и за Ромите во Европа па и во светот. Имајќи предвид дека поголемиот дел од Ромите во РМ припаѓаат кон арлискиот говор, овој говор е земен како основа на стандардниот ромски јазик во РМ, но со извесни граматички, фонолошки и особено лексички дополнувања од сите ромски говори во РМ како што се џамбаскиот, бугурџискиот, гурбетскиот и др. Почитувани и почитувачи на ромскиот јазик и култура, Oд 1996 год., кога во Барцелона беше усвоена Универзалната декларација за јазични права на Меѓународниот ПЕН, организацијата на Меѓународниот ПЕН важи за еден од клучните фактори на артикулирање на меѓународната јазична и културна политика во светот. ПЕН визијата на јазиците, официјализирана во Универзалната Декларација, ја антиципираше на некој начин и Резолуцијата за културна разноликост усвоена од генералното собрание на УНЕСКО октомври 2005 година и ратификувана од стотици земји во светот. Во таа смисла, треба да се каже дека и еден избор од современата ромска книжевност беше претставен на страниците на колекцијата на Меѓународниот ПЕН „Разноликост“. Токму Комитетот за превод и јазични права со седиште во Скопје (во тек на 6 години) ја иницираше промоцијата на ромскиот јазик и книжевност во меѓународни рамки. Нема развој на еден јазик ако нема развој на неговата книжевност. Оттаму се надевам дека оваа современа граматика на ромскиот јазик на извонредната авторска екипа на Љатиф и Фатиме демир и на еминентниот Рајко Ѓуриќ ќе биде поттик за натамошен просперитет на ромската книжевност во Македонија, на Балканот и во светот. Република Македонија станува парадигма за почитување на јазичните и културните разлики и да се надеваме дека нејзината поддршка на културните проекти на Ромите во РМ и во иднина ќе биде несебична и ефикасна.
12/28/2009 12:18:32 PM
|